дома / Анкети / Минати Анкети / Анкета: Преполовена предноста на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ!

Анкета: Преполовена предноста на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ!

16/12/2013

СДСМ во изминатиот период конечно почна со промоција на мерките од новата програма, која се чини предолго се подготвуваше. Дел од мерките беа најавувани на прес-конференции од страна на претседателот Зоран Заев, а дел од страна на членови од највисокото раководство. Сите досега објавени мерки многу активно се презентираат на јавни собири пред граѓаните во голем број општини. Ваквиот пристап на СДСМ принуди високи функционери на владата, дури и премиерот Никола Груевски, бргу да реагираат квалификувајќи ги сите мерки како лоши, нереални или неостварливи, па и комични. Еден дел од јавноста во програмата на СДСМ препозна веќе „познат модел“ на освојување на гласачкото тело кој тешко ќе го загрози монополот на ВМРО-ДПМНЕ, додека други препознаа шанса СДСМ конечно да се приближи до граѓаните и да ја зголеми поддршката на следните избори.

Со цел да дознаеме како граѓаните на Македонија ги доживуваат активностите на новото раководство на СДСМ и предложените мерки од неговата програма, се обидовме да го измериме нивото на информираноста на граѓаните за мерките и за степенот на нивно одобрување од страна на потенцијалните гласачи.

ПОЛОВИНА АНКЕТИРАНИ НЕ СЕ ЗАПОЗНАТИ СО МЕРКИТЕ НА СДСМ

На прашањето кое гласеше: Дали со мерките што ги предлага СДСМ сте добро запознаени, делумно сте запознаени или воопшто не сте запознаени?, добиени се следниве одговори:

анкета

Кампањата на СДСМ за запознавање на граѓаните со мерките од својата програма досега успеала да допре до само 50 отсто од гласачкото тело на Македонија. Но, ако се погледнат одговорите на ова прашање според етничката припадност, кои се презентирани во следниот графикон, тогаш се доаѓа до сознание дека речиси 60 отсто од гласачите со македонско етничко потекло во овој кус период успеале барем делумно да се запознаат со мерките од новата програма на партијата.

анкета

На оние 50 отсто од вкупниот број граѓани што изјавиле дека се информирани за мерките што ги предлага СДСМ, дополнително им беше поставено прашањето: Дали сметаат дека мерките за кои слушнале досега се корисни за нив? Како што може да се види од добиените одговори, 55 отсто од нив одговориле дека предложените мерки од страна на СДСМ ги оценуваат како корисни, 37,8 отсто рекле дека не се корисни, а 7,2 отсто рекле дека сѐ уште не можат да ги оценат.

анкета

Анализата на одговорите на ова прашање, според социодемографските белези, покажува дека меѓу тие што објавените мерки од страна на СДСМ ги сметаат корисни за себе, се побројни жените од мажите, вработените со пониски месечни примања во споредба со оние со повисоки, земјоделците и пензионерите. Всушност, анализата покажува дека со објавените мерки СДСМ прави пробој во досега најтврдото гласачко тело на ВМРО-ДПМНЕ.

СЕ ТОПИ ПРЕДНОСТА НА ГРУЕВСКИ

Живееме во време на високо персонализирана политика во која партиите во голема мера се идентификуваат со своите лидери. Се говори за партијата на Груевски, партијата на Заев, на Али Ахмети, а перцепцијата за способноста на некој лидер да се справи со проблемите за кои граѓаните се најмногу заинтересирани да бидат решени е најчесто идентична со перцепцијата за способноста на партијата. Лидерите на партиите заради својата медиумската присутност се претвораат во еден вид симбол за кој се врзуваат сите надежи и очекувања од самата партија. Поаѓајќи од ова, неделникот „Фокус“ исто како и во септемвриската анкета, се обиде уште еднаш да провери дали Никола Груевски или Зоран Заев од позицијата на премиер би можеле поуспешно да се справат со клучните проблеми со кои се соочуваат граѓаните на Македонија. Прашањата се однесуваа на тоа: Дали Груевски или Заев би успеал поуспешно да се справи со проблемите во економијата, да придонесе повеќе во развојот на демократијата, да го спречи криминалот и корупцијата и да ја приближи Македонија кон НАТО и кон ЕУ?

анкета

Анализата на добиените одговори на овие прашања упатува на следниве заклучоци: Прво, за само два месеца во Македонија значително се зголемил бројот на граѓаните кои не веруваат дека ниту Груевски ниту Заев би решил подобро некој од овие клучни проблеми. Во просек, 10 отсто повеќе граѓани сега, во споредба со септември, сметаат дека ниту Груевски ниту Заев не можат да ги решат клучните проблеми во земјата. Второ, предноста на Груевски што ја имаше во однос на Заев во поглед на водењето на македонската економија значително е намалена, иако и двајцата лидери бележат намалена доверба кај граѓаните. Во графиконот, во продолжение се гледа дека предноста на Груевски во однос на Заев за ова прашање сега е само 6 отсто, наспроти 11 отсто што ги имал во септември.

анкета

Трето, и покрај негативните кампањи кон Заев што во овој период ги водеше ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните веќе ги перцепираат Заев и Груевски како подеднакво способни, односно неспособни, да се справат со криминалот и корупцијата во земјата, а предноста на овој план на Груевски од претходниот период е поништена. Во септември, 37 отсто од анкетираните сметале дека Груевски е поспособен да се справи со криминалот и корупцијата, додека за Заев се изјасниле 28,4 отсто. Во ова мерење, процентите се изедначени, односно по 25,9 отсто за двајцата лидери.

анкета

Четврто, Заев и натаму се перцепира како лидер кој од позиција на премиер може побрзо да ја внесе земјата во НАТО и во ЕУ. Разлики по ова прашање во однос на мерењето од септември нема, освен што и двајцата лидери имаат загубено дел од довербата, но соодносот е задржан. И петто, Заев во однос на Груевски стекнува мала предност и во однос на тоа дека од позицијата на премиер би можел да обезбеди и повисоко ниво на демократијата во Македонија. Во септември, мислењето на граѓаните било поделено, односно 34,9 отсто од анкетираните сметале дека повеќе демократија може да обезбеди Груевски, а 34,5 отсто Заев, додека сега Заев има предност од 2 отсто по однос на ова прашање.

Сепак, за двајцата лидери останува сериозен проблемот на високиот степен на неверување дека кој било од нив може сериозно да ги промени состојбите во Македонија. Како ќе се определуваат до денот на изборите граѓаните кои генерално ја изгубиле или ја губат довербата во партиите, ќе биде предмет на сите следни испитувања на јавното мислење.

ОПОЗИЦИЈАТА Ѝ СЕ ПРИБЛИЖУВА НА ВЛАСТА

Во рејтинзите на партиите може да постои разлика врз основа на различниот метод на мерење. Агенцијата „Рејтинг“, која има успех во прогнозирањето на изборните резултати, ги објавува одговорите само на оние избирачи кои рекле дека сигурно или најверојатно ќе гласаат, односно одговорите на веројатните гласачи. Тоа се прави поради тоа што тие што не гласаат на изборите од кои било причини, независно дали се определиле да не гласаат заради разочараност од сите партии или од други причини, тие со своето неизлегување на избори нема да го променат изборниот резултат.

Од ова истражување, како што може да се забележи и меѓу веројатните гласачи, секој трет (или 33 отсто) во моментот е неопределен и не знае за која од партиите би гласал на изборите кога тие би се одржале утре.

анкета

Во изминатите два месеца, сепак, дошло до мало поместување на рејтинзите во корист на СДСМ. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ изгубила 2,4 отсто од својот рејтинг, додека СДСМ го зголемила својот рејтинг за 1,1 отсто. Мали поместувања има и во рејтинзите на ДУИ и на ДПА, а за првпат со 0,4 отсто се појавува и партијата Гром на Стевчо Јакимовски. Ваквото приближување на рејтинзите на политичките партии може да биде резултат на зголемената активност и кампања на СДСМ или на зголеменото незадоволство од ВМРО-ДПМНЕ. Но, треба да се следи нивото на стабилноста на овие промени за да се види дали станува збор за стабилни поместувања во рејтинзите или за моментални влијанија кои по определен период се стабилизираат на претходното ниво.

Може да ве интересира

анкета

Македонски претседателски избори (2009)

Според анкетата, спроведена во јануари 2009 година, најголема поддршка имал Срѓан Керим, кој официјално подоцна истакнал дека нема …

Translate »
error: Content is protected !!