дома / МКД / И Грците ќе бараат нов договор за добрососедство, ама со ново Уставно име
Никос Коѕијас,

И Грците ќе бараат нов договор за добрососедство, ама со ново Уставно име

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, на 31 август, во Скопје, оствари работна средба со македонскиот колега Никола Димитров. И ова би била прилично стандардна средба меѓу шефовите на дипломатиите, на две соседни земји, ако едната, 25 години не и го признаваше Уставното име на другата, а првата по 25 години, се согласи дека Уставното име и не е проблем, кој не може да се реши т.е. промени.

Но, Коѕијас не дојде ни на случајна, ни на добро неподготвена средба во Македонија. Дипломатскиот аматеризам, оди до таа мерка да топ вест е дека Никос Коѕијас, во Скопје ќе допатувал со својот автомобил. Зошто ни е потреба оваа вест? Што се однесува до мислењето на народот, Никос може ако сака да дојде и со велосипед, или пешки.

Никос Коѕијас,

Неофицијално, Коsијас, се решил на ваков чин, за да го избегне слетувањето на аеродромот “Александар Велики” во Скопје. Очигледно, некој треба да му каже на Никос, дека и автопатот ни се вика “Александар Велики”, и дека разговорите ќе ги води во македонското министерство за надворешни работи, со адреса Булевар “Филип Втори Македонски” Брoj. 7.

Можеби Коѕијас заборавил дека фондирано од Институтот отворено општество Македонија, токму неговиот нов омилен колега, Димитров, беше дел од акцијата “Don’t You FYROM ME, Call Me By My Name Say Macedonia”.

Никос Коѕијас,

Иако се сомневам дека Коѕијас не знае дека овој Димитров, е оној Димитров, кој заедно со Попоски и Милошоски, на 17 ноември 2008 година во името на Република Македонија, покренаа тужба против Република Грција пред меѓународниот суд на правдата во Хаг, за попречувањето на приемот во НАТО, со што Грција директно ги прекрши членот 8 и 11 од времената спогода, кој предвидува дека Грција нема да го попречува членството на Република Македонија, во меѓународни организации.

Судот заседаваше се до 5 декември, 2011 година, кога донесе пресуда со која потврди, дека Република Грција ја прекршила времената спогодба со вето, кога во Романија на НАТО самитот, ја блокирала Република Македонија за влез во организацијата.

Одлуката беше донесена со 15 гласа “за”, и еден глас “против”, но имаше и луцидно дополнување, дека се отфрла вториот дел од барањето на Република Македонија, да и наложи на Република Грција, дека и во иднина, мора да ја почитува времената спогодба, т.е. да не ја блокира при влез во меѓународни институции.

Никос Коѕијас,

Ако тој Никола Димитров, е истиот овој Никола Димитров, тогаш сосема е јасно зошто официјална Атина, гледа можности за конечно решавање на проблемот со Устаното име на Република Македонија. Со негова промена.

Притоа, интересен е сегментот, дека веќе од 28  август, т.е. четири дена пред посетата на Никос на Македонија, во Република Грција отпатува македонски тим експерти, за да започнат работни средби со своите грчки колеги, за отворените прашања меѓу двете земји. Кој го предводи тимот, и колку отворени прашања имаме ние со Грција?

Претпоставувам прво ќе е за прогонот на Македонците од Егејскиот дел, или правата на македонското етничко малцинство во Република Грција?

Никос Коѕијас,

Во Скопје Коѕијас ни помалку ни повеќе дојде за фотографирање, разговор со Димитров и Заев [куртоазна средба и со Иванов] за промените на уставното име, кое би се решавало, според самата изјава на Заев, во Обединетите нации, при што се чекале нови предлози од медијаторот Метју Нимиц. Иако Нимиц 25 години не најде решение.

Она што е срам за македонската дипломатија, е што ќе дозволи Никос Коѕијас, да го отвори прашањето за кршење на времената спогодба од 1995 година од страна на Република Македонија, со т.н. индицент кога Македонскиот конзул во Торонто Јовица Палашевски, кој имаше свој говор пред карта на Македонија, која вклучува и делови од денешна Грција.

Прилично е дегутантно, да ни Димитров, ни Заев, а ни Иванов, не следат што тоа грчките медиуми објавуваат, дека ќе биде фокусна тема на толку промовираната, историска посета на Коѕијас на официјално Скопје.

“Република Грција ќе констатира дека ФИРОМ продолжила со провокации од своја страна”.

Никос Коѕијас,

Тоа е дипломатски срам. Не се сеќавам дека Грција не прими во Атина кога реагиравме за сите отстапки, промени, измени, модификации, економски и целосни ембарга по основ на Република Македонија, но и граѓаните кои со ваквите мерки на нашиот јужен сосед реално трпеа само штети во своите бизниси. Ако ваквиот однос на Грција, сега е прифатлив, посочете го виновникот, затоа што секогаш е отворена можноста, граѓаните да започнат судски постапки за обештетување на загубите кои ги претрпеле, на име личен профит, поради политиките кои немаат константа и се полни со небулози, кога е во прашање Република Грција.

Дури и самиот Заев е конфузен, и некоординиран со медијаторот Нимиц, па од неформалната средба на премиерите на земјите од Западен Балкан, во Драч, изјави:

“Јас останувам на очекувањето на решавање на проблемот низ дијалог , воден секако од ОН, преку Метју Нимиц, очекувам дури до крајот на годината, почетокот на идната година да има нови идеи од Нимиц за решавање на ова прашање, но сум убеден дека позитивниот амбиент којшто постои во целиот регион, позитивниот однос на Македонија со сите земји во регионот, така и со Република Грција, можат да бидат само од полза, дури и за решавање на вака чувствително прашање”

Иако претпоставувам, добро се сеќава на изјавата на Нимиц, дадена во јули од Скопје во која медијаторот истакна: “Не очекувам драматичен пресврт во преговорите во блиска иднина. Владата во Скопје е подготвена да ја реактивира својата надворешна политика во регионот и очигледно прашањето за името е важна пречка на патот кон европската интеграција и НАТО членството. Значи, ова е високо прашање на нивната агенда и затоа мислам дека има нов импулс.”

Никос Коѕијас,

Но, Нимиц, исто така истакна дека сега не е време за нови предлози за името:

“Не. Нема нови предлози. Имаше доволно предлози во минатото и сметам  дека сега е време да се зборува за некои основни концепти пред да стигнеме до предлози.”

Притоа самите медијатори, неофицијално, посочуваат дека се работи за нелогично барање. Прво се огласи поранешниот медијатор, Роберт О’Нил, кој истакна дека е против преговори за Уставно име на една држава, и не посоветува да се повлечеме од целиот процес, а и самиот Нимиц изјави “Неофицијално – ако бев Македонец, не би преговарал за своето име.”

По ова очигледно е, дека ние самите имаме проблем со себе, т.е. македонската извикана дипломатија, која во овој состав сама им се нуди на Република Грција по знамето, да го промени и Уставното име на Република Македонија, со што ќе се измени целокупниот идентитет, сериозно ќе се наруши континуитетот во историското постоење на македонскиот народ, јазик, писмо, и се тоа за прием во воен сојуз именуван како НАТО од каде веќе под уставното име не признале 20 од 28 земји членки, а и ЕУ, од каде веќе под уставното име не признале 15 од 28 земји членки.

Факт е и дека од сите земји членки на Обединетите нации, под името Република Македонија, не признаа од 128 земји од светот, а од самиот Совет за безбедност при ОН, од петте постојани членки, под уставното име признаени сме од четири.

Срамот да е поголем е фактот дека само Австралија, Белгија, Ватикан, Германија, Грција, Данска, Египет, Франција, Холандија и Шпанија инсистираат да ни се обраќаат под времената четвртвековна референца ФИРОМ.

Никос Коѕијас,

Димитров 1996 година беше советник од областа на меѓународното право за правата на човекот при македонското МНР, па беше назначен за заменик министер во 2000 година а беше и советник за националана безбедност на претседателот Борис Трајковски.

Беше амбасадор на Република Македонија во САД но и во Холандија. Иако не е јасно зошто ја одби амбасадорската функција во Русија, понудена во 2014 година, каде татко му Димитар Димитров, своевремено беше амбасадор, иако се претпоставува дека се налути, затоа што не беше именуван за амбасадор во Германија, па замина да работи во Хашкиот институт за глобална правда.

Димитров постариот и Димитров помладиот, се единствениот татко и син, кои истовремено биле амбасадори и во САД и во Руската Федерација. Димитров постариот, беше министер за образование и наука во првата Влада на Никола Кљусев, но и министер за култура во Владата на Љубчо Георгиевски. Ратка Димитрова, мајката на Никола Димитров, е еден од основачите на ВМРО – ДПМНЕ, пратеник од првиот парламентарен состав но и основач на Унијата на жени при ВМРО – ДПМНЕ.

И тоа не е трагично. Трагикомично е што Димитров, по татко му Димитар, е Егеец роден во село Цакони, Воденско, Егејска Македонија. Кој е подготвен да го “промени” името за кое неговиот татко бил прогонет. Логика?

Може да ве интересира

иредентизам

Иредентизам кај Македонија и Грција – поим за плашење народ од соседите

Деновиве на балканот, осовено кај нашиот јужен сосед на голема врата се користи поимот иредентизам …

Translate »
error: Content is protected !!