дома / Мислења и Предлози / Интервју со Илија Илијовски – Еден од реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ

Интервју со Илија Илијовски – Еден од реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ

Интервју со Илија Илијовски – Еден од реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ

 

Актуелните состојби во “нашата држава” Република Македонија се доста нејасни, брзи и конфузни за обичниот читател и јавноста. Во таа насока во подготовка се десетици интервјуа на политичари, активисти, граѓани, амбасадори, и посебни изненадувања во 2018г. Секако тука се вклучени и помладите.

Намената на интервјуата се да се разјаснат одредени ставови во јавноста на поединци и групи, како и да остане запишано како фактографко паметење на еден од најбурните периоди за политиката на балканот, геостратешките случувања а особено за Македонското прашање на планетата земја.

Илија Илијовски по професија е адвокат и основач е на Адвокатското друштво ЧИЧЕВАЛИЕВ И ИЛИЈОВСКИ Скопје. Роден 18 јануари 1984 година. Правен факултет завршува во 2006 година во Скопје, а во 2009 година полага и правосуен испит при министерството за правда на Република Македонија. Моментално е магистрант на последипломски студии на Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје во областа на Граѓанско материјално и процесно право и на Мастер студии по Бизнис право на IIT Chicago-Kent School of American Law. Поранешен функционер на ВМРО – ДПМНЕ, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО – ДПМНЕ за скопската општина Центар и советник во советот на општина Центар. Дел од членовите на Републичкиот штаб за реформи во ВМРО-ДПМНЕ.

П:Илијовски, до 26 јуни 2017 година бевте актуелен претседател на ОК на ВМРО – ДПМНЕ за скопската општина Центар, претходно на 9 јуни истата година во јавноста излеговте со т.н. Републички штаб за реформи во ВМРО -ДПМНЕ. На ваше место на име промени и освежување на партискиот кадар беше именуван Сашо Стефаноски. Колку Стефаноски може да се нарече партиско освежување и дали тогашниот претседател Никола Груевски со промената ви го покажа својот став по однос на вашите активности?

– Според мене Стефаноски е доста искусен партиски кадар, кој своите почетоци ги има во Унијата на млади сили, а потоа продолжува во повисоките структури на Партијата. Од аспект на евентуално освежување во тој период, можам да кажам дека проблемот на ОК Центар не беше од кадровска природа, тој подолг период тлееше помеѓу членството во Центар. Проблемот во повеќе наврати се ставаше под тепих, централните органи немаа слух за состојбата во Центар иако таа во повеќе наврати беше предочувана од скоро сите раководства на комитетот, особено од пред првиот пораз кој Партијата го претпе по подолг период во Центар, на Парламентарните изброи 2011 година, па до Парламентарните избори 2016 година кога ОК Центар го предводев јас. За жал низа погрешни и брзоплети чекори особено во однос на определени инфрастуктурни зафати во централното градско подрачје, беа од особено значење за за жал губитничката позиција на ВМРО-ДПМНЕ во Центар. Можеби ако се отвореше поширока дебата околку овие прашања, разумот ќе надвладееше, а и голема е веројатноста дека граѓаните на Центар истите ќе ги прифатеа. Едноставно за ваков вид делување, односно разговор и консултации со граѓаните и членството, немаше слух кај минатото партиско раководство. Затоа и не ме чуди чекорот на поранешниот Претседател на Партијата, кој во моментот кога искажав поинаков став кој искрено сакав да биде слушнат и да вроди со плод, резултираше со моја смена од претседателската позиција во ОК Центар, на само неполни девет месеци од мојот избор од страна на Извршниот комитет на Партијата. Инаку јас бев сменет од позицијата претседател на ОК Центар уште вечерта истиот ден кога јавно ги обелоденивме залагањата на Иницијативата за реформи односно вечерта на 9ти Јуни.

 

П:Републички штаб за реформи во ВМРО – ДПМНЕ никогаш не било правно независно тело туку било неформално тело кое вие упорно го конципирате во структурите на партијата додека ВМРО – ДПМНЕ не го сметаше за постоечко. Колку е вистина дека Реформаторите како што ве нарекуваат на локалните избори на ВМРО – ДПМНЕ и однесоа 50.000 гласови од електоратот и ако е така каде се останатите 80.000?

– Целта на Внатрепартиската Иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, никогаш не беше насочена кон формирање на определен правен субјект или друга формација надвор од нашата Партија. Во ниту еден момент немавме на ум да формирам нити фракција во Партијата, нити здружение, а уште помалку друг политички субјект. Секогаш, и кога почнавме и сега па и понатаму Иницијативата ќе делува во рамки на Партијата. По однос на однесените гласови кои ги споменавте, терминот „однесени„ сметам дека е несоодветно одбран, бидејќи Иницијативата никогаш немаше задача да однесе гласови на Партијата. Ние во ниту еден момент не сме се мешале во правото на глас на нашите поддржувачи, туку согласно принципите за кои се залагаме, секој поддржувач гласаше според сопствено убедување. Но неспорно е дека Иницијативата е поддржана од огромен број членови и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ кои гледајќи дека сега веќе поранешното раководство на Партијата, немаше скоро никаков слух за барањата и ставовите на членството, и се приклучија на Иницијативата, па според мене разликата во гласови се должи на незадоволството кај членството од работата на претходното раководство.

 

П:Вие започнувате да го критикувате и актуелното раководство и постапките на тогашниот претседател, органите на партијата па дури и највисокиот правен акт, Статутот. Притоа сигурно сте свесни дека ние(медиумите и јавноста) никогаш не дознавме што всушност се бара. Денес сме соочени со став на реформаторите дека нивните барања новиот претседател ќе ги имплементира во измените и дополнувањата на Статутот. Што точно баравте тогаш и што сега ќе се имплементира од страна на Мицкоски?

– Нашите барања и тогаш кога ја започнавме Иницијативата и сега се базираат на две декларации. Се работи за Декларацијата Демократско ВМРО-ДПМНЕ за Демократска Република Македонија и Декларацијата Европско ВМРО-ДПМНЕ за Европска Република Македонија. Имено во овие две декларации се содржани неколку принципи за идното работење и делување на нашата Партија, кои треба да бидат преточени во конкретни одредби на Статутот и другите внатрешни акти на Партијата како и останатите програмски документи. Се работи за следните принципи: 1. Принцип на слобода на говор и мисла; 2. Принцип на рамноправност; 3. Принцип на непосреден избор; 4. Принцип на тајност во одлучувањето; 5. Принцип на неспоивост на функции; 6. Принцип на индивидуална одговорност; 7. Принцип на личен интегритет и квалитет и 8. Принцип на внатрепартиска солидарност. Во оваа прилика морам да напоменам дека всушност овие принципи се основните принципи на кои секоја модерна европска десничарска партија го заснова своето организирање и делување.

П:Илијовски, меѓу т.н. водачи на Реформаторите скоро сите сте правници и за тоа наидовте на прилична осуда од страна на тогашното раководство како кога сте биле бирани за правни застапници на државни компании не сте имале замерки во работата, а сега една година по заминување во опозиција на ВМРО – ДПМНЕ и по декада власт го оценувате како недемократска партија. Како се станува правен застапник на одредена државна компанија? Имаше ли Протоѓер “тефтерче”?

– Интересно прашање. Мислам дека на сите кои сме дел од приватниот сектор во Р. Македонија ни е јасно дека за да бидеш избран да бидеш носител на определен т.н. државен договор, најнапред мора да учествуваш во соодвента тендерска постапка, која согласно Законот за јавни набавки, во услови на транспарентсност, што подразбира објава на оглас за јавна набавка, ја започнува и води определен државен орган. Секако за да се учествува во определена тендерска постапка, потребно е да се исполнуваат предвидените критериуми за учество пропишани со соодветната тендерска документација. Во делот на адвокатските услуги, од средината на 2015 година согласно Законот не се спроведуваат тендерски постапки, па определен државен орган или институција избира адвокат кој смета дека најпрофесионално ќе ги заштитува нејзините интереси. Оттука нејасни, и тогаш и сега, ми се нападите, повеќе би рекол испадите, на определени поединци дека јас или некои мои соборци кои се дел од Иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, добивале договори за застапување на државни органи и компании. Сметам дека тоа се должи на елементарно непознавање на важечките законски прописи од соодветната област, но и имплицирање дека успехот на адвокатското друштво, каде еден од основачите сум јас, се должи на некакви блиски контакти со луѓе од мојата Партија или пак мојата партиска работа била тесно поврзана со клиентите кои ги застапувам и начинот на кој стапувам во соработка со нив. Навистина небулозно е да се искажуваат вакви невистини и како и тогаш и сега истите ги квалификувам како обични лични фрустрации на мал број луѓе. Жалосно е нивото до кое определени личности се паднати, да секој професионален успех во Р. Македонија, го поврзуваат со политика. Но како што веќе знаеме, личната дискредитација беше главно оружје на претходното раководство за пресметување со неговите неистомисленици. 

 

П:Ќе појасните ли како баш вас ве избраа и што беше вашиот ангажман во периодот за подготовката и креирањето на Фондот за Иновации на РМ за кој бевте солидно платен? Која е вашата поврзаност со иновации, поточно со иновациска политика и финансиски структури за поддршка на стартапи и иновации? Кое предходно искуство го имате во ова поле или за друг фонд за иновации?

– Во однос на мојот ангажман во организирањето на работата на Фондот за иновации, можам да истакнам дека не бев ангажиран при организирањето на работата на Фондот, туку бев надворешен консултант и дел од тимот консултанти од различни области на правото и фиансиите, ангажирани од страна на Канцеларијата на GIZ во Македонија. Јас како надворешен консултант бев ангажиран согласно правилата кои ги има GIZ Македонија, а не државен орган или институција. По однос на моето иускуство поради кое бев ангажирам, морам да потенцирам дека поседува значително искуство во создавање на легислатива односно на законски и подзаконски акти, па претпоставувам и поради тоа бев одбран од страна на GIZ Македонија.

П:Илијовски, вие уште во ноември 2017 година го предвидувате текот и развојот на внатрепартиските промени. Кажувате дека се мора да се заврши на конгрес на кој ќе се промени лидерот при што не ја исклучувате можноста да има два конгреси, еден на кој ќе се регулираат правните норми и втор на кој ќе се бира идниот лидер. Каков е вашиот став денес? Зошто се почна од крајот. Го променивте ли мислењето или се согласувате со концептот на Груевски, а со тоа и на Мицкоски прво да се избере претседател по стариот Статут со состав од старите делегати па да се прејде кон промена на Статутот?

– Јас и тогаш и сега стојам на ставот дека најнапред требаше да се заврши целата нормативна постапка односно промената на Статутот и другите внатрепартиски органи, па дури потоа да се оди на генерален избор на нови органи и тела на Партијата, вклучително и претседател на Партијата. За жал се покажа дека старото раководство поточно претходниот претседател, немаше никаков демократски капацитет за да ја слушне оваа идеја, акамоли да ја спроведе. И покрај контроверзниот Конгрес, единствено нешто што ми дава надеж, дека сепак има простор за да се спроведат вистински реформи во Партијата, е чекорот на новоизбраниот претседател Мицкоски непосреднот пред крајот на минатата година. Со тоа, тој ја отвори вратата за сите предлози на Иницијативата за реформи и тоа директно повикувајќи се на нашето барање од јуни 2017 година со кое до Централниот комитет на Партијата ја доставивме Декларацијата Демократско ВМРО-ДПМНЕ за Демократска Република Македонија со цел истата да биде разгледана и уште тогаш да се започне неминовниот процес на реформи во ВМРО-ДПМНЕ. Секако промената на Статутот на Партијата и останатите внатрепартиски акти не ја исклучува и можноста за спроведување на генерален избор на сите органи на Партијата, што според мене би резултирано со целостно расчистување на маглата која се крена околу вонредниот декемвриски Конгрес, а и би било шанса претседателот Мицкоски уште повеќе да ја зацрвсти и легитимира својата позиција како Лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

П:Еден од предлозите за измената и дополнувањето на Статутот кој повторно ќе го гласаат старите делегати е и правото на претседателот на партијата да ги именува претседателите на Општинските комитети. Сосема идентично како измената на Статутот на СДСМ во 2013 година иако кај нив се нарекуваат Општински организации. Ова е демократизација од ваш агол на перцепција?

– Погрешно е тврдењето дека како еден од предлозите за измена на Статутот е и правото на претседателот на Партијата, да ги именува претседателите на општинските комитети. Сосема спротивно, предлогот за кој се разговара е всушност концептот за кој се залагаме како Инцијатива за реформи, односно претседателот на општинскиот комитет да биде избран непосредно од членството на тој комитет или пак од тело чии членови или делегати би се избирале од членството на комитетот, и како еден вид собрание на комитетот би избирале претседател и на негов предлог тим со кој ќе работи претседателот во својот мандат. Секако ова е возможно доколку се утврдат и критериуми за тоа кој може да биде кандидат за претседател на општински комитет, бидејќи до сега освен условот да се биде член на Партијата, друг услов и не се барало. Тоа секако бара и утврдување на строги критериуми и начин на евентуално отповикување односно разрешување на определен претседател на општински комитет. Оваа реформа е неминовна и можеби една од најбитните, бидејќи со неа во целост до израз доаѓа волјата на членството како и можноста за пренесување и спроведување на ставовите кои тоа ги креира по определени прашања кои го засегаат.

П:Се сеќавате ли на вашите изјави “Статутарните измени треба да воспостават нови органи во партијата преку кои таа ќе се децентрализира и ќе се зајакне учеството на поширокото членство во одлучувањето, особено околу кадровската политика. Треба да се конституира нов орган, односно Собрание на Општински комитет на ВМРО – ДПМНЕ кое ќе биде составено од непосредно избрани претседатели на месни комитети, како и претставници на стручни комисии на општинските комитети. Собранието ќе биде со надлежност да избира претседател на Општинскиот комитет, да утврдува листа за избор на советници и градоначалници, кандидати за пратеници, како и да одлучува за кадровски решенија на локално ниво. Се размислува за опцијата претседателот на ОК да се избира на непосредни тајни избори од страна на сите членови.” Значи ли дека останувате верен на неа и дека ако овие измени не се дел од новиот Статут вие ќе продолжите да дејствувате и понатаму?

– Секако дека оваа заложба и тогаш и сега ја застапувам. И понатаму ќе се залагам во определена форма од гледна точка на практичноста, ова тело да биде дел од идното организирање на општинските комитети. Практичноста е битна од аспект на тоа дека е императив да се задржи непосредноста во одлучувањето и  да се нагласи улогата на членството без притоа да се создадат троми тела за кои постои опасност повеќе да ја кочат работата на Партијата отколку да ја унапредат нејзината работа. За мене е најбитно начелото на непосредност како и што поголемото учество во одлучувањето, особено на локално ниво, на членовите на општинскиот комитет, да дојде во полн израз во одредбите на новиот изменет Статут на Партијата.

П:Ставот со кој на Мицкоски ќе му се овозможи да бира претседатели на ОК е исто така искоментиран од ваша страна. Тогаш кажавте “Претседателот на партијата ќе има строго ограничени овластувања кои ќе му овозможат креирање на политики и застапување на партијата пред јавноста и институциите. Претседателот на партијата треба да има ограничен број на мандати”. Што е со оваа контрадикторност?

– Како што и претходно кажав, контрадикторност не постои бидејќи не е ставен на маса предлог со кој претседателот на Партијата, ќе избира претседатели на општински комитети. Интенцијата е претседателот на Партијата да нема никаква улога во изборот на органите на локалните партиски организации односно тие да бидат организирани и избрани од членството, нормално согласно процедури и критериуми утврдени со Статутот и другите акти на Партијата. Така да моментало се разговара за статутарни решенија кои се во насока на избор на претседател на општински комитет од страна на членството на комитетот, неспојливост на партиски функции односно забрана за кумулација на партиски функции, како и ограничување на мандатот на органите на Партијата, вклучително и на претседателот на Партијата.

П:Воедно промовиравте и прекин на семејното јавно познато фамилијарно владеење во ВМРО – ДПМНЕ и повикувавте на оставка кон Никола Груевски. Зошто оставка само од Груевски? Мислите дека само Никола е дел од т.н. “фамилија” во ВМРО – ДПМНЕ? Зошто не ги именувавте кумовите и братучедите но и кадровниците? Впрочем тоа се истите кадровници кои на вашите колеги од Реформаторите им овозможуваа работа.

– Во моментот кога ќе почнеме да разговараме за личности, целата идеја пропаѓа. Фокусот на личностите, беше симбол на владеењето на претходниот претседател. Иницијативата никогаш немаше за цел некого да го принуди на оставка или да наведе дека определена личност треба да замине. Иницијативата од самиот старт укажа на системските слабости во ВМРО-ДПМНЕ, на незадоволството и игнорирањето на членството, на игнорирањето на нови идеи и на лепезата на оружја кои обезбедуваа дека молкот е средство за успех. Несреќно е тоа што поранешниот претседател не ја разбра нашата идеја и веднаш ова го протолкува како барање на негова оставка. Во моментот кога стана јасно дека најголемиот кочничар за било каков дијалог е самиот тој, ние во духот на принциупите за кои се залагаме, побаравме негова оставка. Ова може да го побара секој член на Партијата. До денеска одбиваме да разговараме за личности и не сме именувале никој поединечно, бидејќи проблемите кои ги решаваме се системски, а не персонални. Успехот во нашите залагања, преточен преку промената на Статутот на Партијата, треба да осигура дека никогаш веќе нема да се создаваат фамилии и дека ќе се даде можност гласот на поединецот да биде слушнат, а понекогаш да биде погласен и од гласот на толпата.

П:Во моментов правно Никола Груевски е минато за ВМРО – ДПМНЕ. Ја има истата функција што ја имаше и Љубчо Георгиевски по неговото заминување, почесен претседател. На што се должат почестите според вас? Патем сметате ли дека по фијаското на конгрес на кој имавте гласачко ливче само со еден кандидат т.е. име на фаворитот на Никола но и неговото раководство од сенка дека ова ВМРО – ДПМНЕ во раководните структури се разликува од она кое го критикувавте летово? Правно и самите знаете дека функцијата е една работа моќта кој ја контролира е сосема друга.

– Не сакам да судам за човек по начинот на кој што бил избран. Прашање можеби за историчарите во иднина ќе биде, дали во услови на претходното раководство некој можеше да биде избран на определена позиција поинаку. Но можам за судам за човек согласно неговите чекори и делување од моментот од кога е избран. Самите видовте дека сите оние кои не нарекуваа профитери, на два дена пред Конгресот станаа „реформатори„ буквално препишувајќи и присвојувајќи ја нашата Иницијатива и нејзините принципи. Како што кажав новиот претседател покажа спремност за отварање на реформските процеси во Партијата и пред се нејзино обединување. Сметам дека е свесен дека без реформи и демократизација на Партијата нема да дојде до нејзино обединување и засилување, а уште помалку и до можност за победа на наредните избори.

 П:Објавата дека ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека согласно со објавените заложби на претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, статутарната комисија почнува постапка за измена и дополнување на статутот на ВМРО-ДПМНЕ за вас реформаторите беше потег кој ќе даде дополнителна вредност на партијата. Што ќе се менува и зошто тоа е тајна? Нели имаше изјава на ваш колега дека “Ние бараме да има демократски избор на кандидати за членови на Конгресот кои на демократски начин ќе бидат избрани од месните и општинските комитети. Само на тој начин членовите ќе ја изразат својата волја, за да не се повтори приказната од претходниот Конгрес, што беше еден вид приватна забава на Никола Груевски”. Како сега конгресот во Валандово не беше уште една приватна забава на Никола Груевски? Што се промени? На вашите реакции никој од раководството на ВМРО – ДПМНЕ не ви одговори? Имавте ли вие лично или некој од реформаторите средби пред конгресот со Мицкоски, Груевски, Мијалков?

– Ставот за Конгресот во Валандово на Иницијативата, е јавно обзнанен. Иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ на 17.12.2017 година, одржа седница на Централниот штаб за реформи, на кој зазеде став дека Конгресот кој се одржа на 22 и 23 Декември во Валандово е спротивен на принципите за кои се залага Иницијативата. Тоа не го спречи претходното раководство да го одржи овој Конгрес. Според мене потребно е да гледаме во иднината бидејќи минатото неможеме да го промениме. Сега, во услови кога Статутот суште не е променет, повторно и да се одржи Конгрес, тој истиот ќе биде според старите правила на игра наметнати од претходното ракводство. Поради ова промената на Статутот е императив во насока на обезбедување на демократизација и транспарентност на работата на партијата. Затоа сметам дека треба да се остави време за да се види искреноста на овие чекори на новиот претседател како и неговата спремност за суштински и длабински реформи во Партијата, кои сепак мораме да признаеме дека започнаа со реализација.

П:Јавноста не толку за вас колку за луѓето кои стоеја позади вас имаше прилично негативни коментари во сегментот како станале успешни правници. Дел од нив сеуште се во структурите на општественото уредување што значи се кадри кои им одговараат на СДСМ и ДУИ. Одговорноста е личен акт, но вие настапивте заедно. Каков е вашиот став на тие реакции?

– Пак ќе кажам, личното дискредитирање и таргетирање беше едно од најголемите оружја со кои се користеше поранешното раководство. Неговата мантра беше дека ако го дискредитирам и обезличам поединецот без разлика на неговите квалитети, пораката ќе биде уништена. Ова има длабока психологија бидејќи луѓето се посклони да читаат за трачеви и измислици отколку за професионални достигнувања и успех. Затоа и жолтиот печат има толку голем аудиториум во Р. Македонија. Затоа дневните вести изгледаат како црна хроника и спремање за крајот на светот. Ако нечие име излезе со некое достигнување, истото веднаш се асоцира со кое му е семејството, дали и во кој политички субјект е, неговата националност и вера. Ние со нашата Иницијатива, докажавме дека ако ги искористиш сите оружја против поединецот, преку спинување, ширење невистини, вадење од контекст, преувеличување, професионално деградирање, а се во насока на лична дискредитација, идејата ако е доволно благородна, неможе да биде згасната. Поединецот е заменлив и ако не бевме ние, на наше место ќе беа други борци. Дел од промените во ВМРО-ДПМНЕ, коишто ќе се прелијат и во длабински промени во македонското општество, е напуштањето на ваквите намерно креирани психолошки стратегии за напад за на крај да знаеме да го пофалиме професиналниот успех и достигнување на индивидуата од било која професија. Особено да знаеме да го одделиме професионалниот од политичкиот живот и да не бараме изговори зошто некој успеал, туку да прашаме да ни го даде рецептот за успех, кој ќе треба да пробаме да го имплементираме. Затоа уште еднаш повторувам, личностите се небитни, битна е идејата, а идејата е реформирано, модерно и демократско ВМРО-ДПМНЕ.

П:До последен момент тврдевте дека имате поддршка од 50-тина проценти од членството. Но таа поддршка цело време беше промовирана “за демократизација, евро-атлански интеграции, право на членството, ограничување на “владеење” на еден” и тоа падна во вода со вашата одлука да не номинирате кандидат на конгресот во Валандово. Зошто? Притоа веќе се изјаснавте каков вид забава е претходниот конгрес кој го имаше истиот состав како и овој. Зошто не апстиниравте? Вие баравте промени на правни акти за на крај да му дозволите на Груевски да има конгрес со еден кандидат по стариот Статут и интерни акти? Како тоа допринесе кон сплотеноста? ВМРО – ДПМНЕ никогаш не била повеќе поделена од денес.

– Споменав и претходно, ставот во однос на споменатиот Конгрес го донесовме на седница на Централниот штаб за реформи и истиот јасно го промовиравме. Така да нелогичен и несериозен би бил секој чекор во насока на кандидирање на кандидат за претседател на таков Конгрес или пак поддршка на некој кандидат. Се на се нашата Иницијатива јасно стави до знаење дека на таков настан нема да земе учество и тоа се случи. Не е на нас да дозволиме или не да се одржи Конгрес. Тоа право на претходниот претседател му го дозволи Статутот на Партијата кој сега е предмет на менување. Кон тој Статут и Иницијативата уште од почетокот е насочена. Кога ќе се тргне целата политика настрана, во основата на нештата е правото. Само правото може да ја одземе моќта на автократ. Затоа и Инцијативата беше толку опасна за претходниот претседател и не беше само игнорирана, туку беше со сите оружја напаѓана. Благородноста на Иницијативата беше поддржана и е поддржана и од повеќе од 50% од членовите. Кажете ми кој не сака да има право да излезе на избор и самиот да си ја измери силата во политичкиот живот на Партијата? Кој член не сака неговиот глас и идеја да бидат сериозно разгледани и воспримени наместо да бидат нападнати и деградирани? Кој член несака да види одговорност од своите избрани функционери? Јас одговорно трвдам дека нема да најдете ниту еден член кој е против ваквите принципи на партиско делување. Тоа во бројки, поддршката на Иницијативата ја прави целосна. По имплементирањето на реформите и вградувањето на принципите на Иницијативата во новиот Статут, ќе го направи ВМРО-ДПМНЕ  посплотено од кога било, која сплотеност ќе се пренесе на целото општество во Р. Македонија.

П:За таа одлука да не се настапи со свој кандидат што нели е сосема демократско право токму по Статутот на ВМРО – ДПМНЕ прво како Реформатори изјавувате “Во поглед на закажаниот вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово, Централниот штаб ги реафирмира принципите и вредностите наведени во Декларацијата за демократизација и модернизација на ВМРО – ДПМНЕ и Декларацијата “Европско ВМРО – ДПМНЕ за европска Македонија” пред личностите и борбата за преземање на обврската да се управува партијата. Од тие причини, нема да предложиме кандидат за претседател на овој Конгрес” по што следи продолжението “ 208 делегати ја поддржале идејата за учество на Внатрепартиската Иницијатива на овој Конгрес и ги повикаа евентуалната поддршка за некој од кандидатите да ја изразува нивната слободна волја и убедување, но порачаа да ги имаат предвид принципите и заложбите на внатрепартиската иницијатива и барањето за демократизација на Статутот на партијата.” Прашањето е нели е правна небулоза да учествувате на Конгрес кој е огранизиран од раководството кое го критикувате со Статут за кој цените дека не е доволно демократски, па по изборот ќе продолжите да барате демократизација на Статутот? Значи или Статутот и свитата на Никола Груевски во овој состав на Конгресите организира приватни забави или Статутот е сосема во ред и вие немате проблем со актуелното раководство?

– Прашањето се повторува и е веќе одговорено претходно.

П:Во дел вашите барања вака пред јавноста и членството кое не комуницира со централата се остварија. Не сите но добар дел од раководните структури кои беа и сеуште се предмет на судски спорови кои ги отвори СЈО веќе официјално не се на функции. Но членството истот така Конгресот во Валандово ако се погледне списокот на делегати се знае дека е целосна режија на Груевски. Што е за вас Мицкоски? Нели Груевски неговите кадри водеа погрешни политики. На таа ваша констатација Груевски за втор човек во партијата под поимот модернизација и промени со нови кадри го постави Мицкоски за генерален секретар што во основа беше одговор на вашите барања но во негов стил. Сега Мицкоски е променет или вие го променивте вашиот став?

– Како што споменав, не сакам да судам за човек по начинот на кој што бил избран. Прашање можеби за историчарите во иднина ќе биде, дали во услови на претходното раководство некој можеше да биде избран на определена позиција поинаку. Но можам за судам за човек согласно неговите чекори и делување од моментот од кога е избран. Во овој момент имаме претседател на Партијата кој покажува намера да направи реформи во партијата, а со тоа и е дадена историска шанса да благородната идеја на Иницијативата и нејзините принципи да бидат инкорпорирани во Статутот. Мицкоски има шанса да заврти нова страница во работењето и делувањето на Партијата. За тоа треба време и секако заедничка заложба и искреност во намерите. На него е товарот да ги земе во свои раце работите и целосно да расчисти со штетните политики на претходниот претседател и раководство, кои не само што се рефлектираа на работата и успехот на Партијата, туку се рефлектираа и на состојбите во Државата. Другата опција е да се блокира работата на вака реформски насочен претседател поради дискутабилноста на одржаниот Конгрес што ќе даде контраефект да реформите не се спроведат, принципите не се имплементираат. Блокада која ќе биде на штета на членството и наеуспех на Иницијативата што дополнително ќе го раслои ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа ќе го оневозможи да се спротивстави на погубните и штетни политики на оваа Влада предводена од СДСМ и ДУИ. Целта на Иницијативата никогаш не беше блокирање на работата на Партијата на штета на членството и на Р. Македонија. Затоа невраќајќи се кон минатото, ќе направиме се што можеме за да ја обезбедиме иднината на Р. Македонија.

 П:Во Извршниот комитет на партијата се појави и име на член од Реформаторите. Тоа говори дека Мицкоски е отворен за соработка со вас. Каде беше како генерален секретар да ве повика за соработка? Вие ја критикувавте раководната структура по парламентарните избори 2016-та година па пред, за и по локалните избори 2017-та година кога ВМРО – ДПМНЕ доживува фијаско. Ја знаете ли по Статут улогата на генералниот секретар при номинација и одредување на кандидати за градоначалници и советници? Стоите на ставот дека локалните избори се изгубија само и само поради Груевски?

– И претходно и за време на Локалните избори и сега, исклучиво вината и одговорноста за тоа што му се случи на ВМРО-ДПМНЕ на Локалните избори минатата година, ја лоцирам кај поранешниот претседател на Партијата. Поради неговиот автократски начин на водење на Партијата, каде по секоја цена сакаше да ја има целосната контрола на сите сегменти на партиското организирање и делување, членовите на ВМРО-ДПМНЕ платија превисока цена на овие Локални избори. Така да не гледам некоја голема улога на Мицкоски како генерален секретар во тоа време на партијата, иако морам да потенцирам дека тој како и Шефот на изборниот штаб Ристовски, сепак неможат да се екскулпираат од одговорноста, макар и делумна, за резултатите на Локалните избори во 2017 година. Што се оденесува до членот на новиот Извршен Комитет кој доаѓа од нашата Иницијатива, можам да кажам дека тоа е почетен чекор во процесот на реформи и демократизација на Партијата.  И на крај повторно се поставува прашањето, во услови на апсолутна автократизација на Партијата, колку другите позиции имале било каква фактичка моќ да променат или одберат нешто поинакво од тоа што го наметнувал автократот.

 

П:Го слушаме новиот претседател како говори дека не е запознаен со содржините на преговорите за името, нешто нема посебен став од страна на новиот претседател по основ на Договорот со Бугарија, молчи за реализирањето на Сеалбанската платформа во целост. Грција е гневна како пред 25 години. Сега Македонија е Грчка на што официјална Софија возвраќа со “Не, Македонија е наша”. Што правите вие? Чекате нов Статут? Чекате некој да го информира Мицкоски кога и како да реагира? Ја видовте ли поддршката која се манифестираше на протестите за притворените невини граѓани но и пратеници на ВМРО – ДПМНЕ. Зошто сега молчите?Ставот на членството не кореспондира со оној на централата. Можеби треба повторно да поминете низ оние општини каде имавте состаноци. Зошто се игра на централистичка партија кога ВМРО – ДПМНЕ 27 години е националистичка – десно ориентирана – демохристијанска т.е. народна партија?

– Не би се согласил дека членовите на Иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ немаат став по однос на било кое од овие прашања кои ги споменавте. Напротив во неколку наврати јасно ги искажавме своите иставови и по однос на спорот за името кој го имаме со Грчката Република, Договорот за добрососедство со Република Бугарија и новиот Закон за употреба на јазиците. Но треба да се има в предвид дека нашата Иницијатива е внатрепартиска, а не надворшнопартиска иницијатива. Поради тоа фокус е ставен на круцијални и пред се внатрепартиски прашања како што се новиот изменет Статут на Партијата, ажурирањето на членството и генералниот избор на органите на Партијата. И по донесување на новиот Статут, ставот по споменатите прашања кои се од национален интерес, ќе биде изграден од страна на реформираните централни органи на Партијата. Сепак тоа е демократијата која ја баравме, преку демократски изградените органи и тела на Партијата, сите да можеме слободно да го кажеме своето мислење по одделни прашања кои ја засегаат Партијата и Државата.

 П:Последно прашање до вас би било: Кој е вашиот став за договорите и преговорите кои ги најавува ЕУ? Што со најавеното трето продолжение на Пржинскиот договор? Треба да се оди во странство на преговори или не? Кој е ставот на ВМРО – ДПМНЕ по основ на се што прават СДСМ и ДУИ? Да бидам појасен ставот на членството но и професионалните политиколози кои не произлегуваат од партиските кујни е дека ВМРО – ДПМНЕ и Мицкоски ќе го премолчат целиот процес “затоа што промена на име мора да има” за потоа да ги обвинат СДСМ и ДУИ за предавници а да се самопромовираат за патриоти. И тоа е демократски чин без одговорност, за вас?

– Далеку од тоа дека ВМРО-ДПМНЕ треба да премолчува нешто доколку смета дека не е во полза на националните интереси на нашата Држава. Најавите за овие настани се една работа, но конкретните чекори, предлози и документи се сосем нешто друго, и најапред треба да се има нешто конкретно по сите овие точки кои ги споменувате, за дури потоа да се градат ставови по сите одделно. Најголем проблем до сега во Р. Македонија е тоа што многумина градат ставови врз основа на непроверени информации или прочинати две реченици на социјалните мрежи. Затоа сметам дека треба да се коментира единствено на официјални чекори или документи и врз нив да се заземаат ставови. Големината на наведените прашања е таква што за истите  ВМРО-ДПМНЕ по спроведените реформи, ќе одлучува преку реформираните и демократски избрани органи и тела, а во одлуката која ќе ја донесе ќе биде вградено мислењето на членовите на Партијата и на граѓаните на Р. Македонија

 

  1. Ваш избор на прашање или тема и ваш одговор на истото. Може и порака до јавноста!

Не е одговорено!

Може да ве интересира

иредентизам

Иредентизам кај Македонија и Грција – поим за плашење народ од соседите

Деновиве на балканот, осовено кај нашиот јужен сосед на голема врата се користи поимот иредентизам …

Translate »
error: Content is protected !!