дома / МКД / Koj e? / Кој е Срѓан Керим или човекот “медал”?

Кој е Срѓан Керим или човекот “медал”?

Срѓан Керим или човекот “медал”

 

Срѓан Керим или човекот за сите власти и општествени уредувања по подолго време пред 2 месеци имаше обид за враќање на општествено политичката сцена. На одбележувањето на денот на ослободувањето на Штип, Керим се појави заедно со новиот градоначалник Благоја Бочварски. Секако следеше лавина реакции на социјалните мрежи и тоа од сопартијците на Бочварски кои поставија прилично издржани прашања на кои никогаш не беа удостоени со одговор.

Бочварски можеби и не следел политика кога Керим беше обвинет за големи криминали но дефинитивно би требало да е информиран колку новинари останаа без работа од “квалитетната” управувачка политика на Медиа Принт Македонија од каде без работа останаа според нивни информации околу 450 лица.

Според информации достапни од вработените Керим не им исплатил неколку плати и придонеси, а според она што се пишуваше по социјалните мрежи за Керим можеби се води и предистражна постапка од СЈО. Тоа секако е во доменот на шпекулациите но секако е прашање на кое СЈО може и треба да даде одговор, во најмала рака ако не е вистина да се зачува достоинството на Керим.

Патем Срѓан Керим во Штип одржа предавање на тема “Она што не го знаеме за Киро Глигоров” по што следеше и петиција која е без директна поврзаност со предавањето на Керим за именување на плоштад, улица или институција во Штип со името на првиот претседател на независна и самостојна Република Македонија.

Во секој случај идејата не е лоша. Но Бочварски треба да побрза затоа што наскоро можеби Република Македонија и нема да има никаква смисла со промената на името на државата – политика која ја води неговиот партиски претседател и премиер Заев под палката на ДУИ и Ахмети.

Но кој е Срѓан Керим?

Керим е роден во Скопје. На 12 декември 1948 година како син на Олга и Асан Керим. Асан Керим не е непозната личност. Впрочем во ликот и делото на таткото на Керим можеме и да ги препознаеме афинитетите кои ги има Срѓан. Асан Керим е роден на Божиќ 1921 година во Штип, а починал на 22 јули 1990 година. Бил македонски поточно повеќе југословенски политичар и функционер, учесник во работничкото и комунистичкото движење на Југославија и Македонија.

Од 1941 година Асан станува член на Сојуз на Комунистичка младина на Југославија познат како СКОЈ за веќе следната 1942 година да стане и член на Комунистичката партија на Југославија. Од 1993 година се до септември 1944 година е мобилизиран во трудовите единици на бугарскиот окупатор во регионот кој ги опфаќал Ново Село, Струмичко и Чучулигово во Пиринска Македонија.

Оној бугарски окупатор кој по Заева дипломатија денес треба да го наречеме само окупатор, а за кој Керим нема став како син на својот татко!?

Во единиците на Народноослободителната војна на Македонија бил од септември 1944 година. Како и под кои околности Асан Керим преминал од окупаторски во ослободителни сили не е наведено па можеби Срѓан може да одржи предавање и на таа тема.

Во октомври бил во Горно Врановци во Агитпрол каде е ангажиран при Генералштабот на НОВ и ПОМ т.е. партизанските одреди на Македонија. По војната бил на повеќе општествено политички функции. Бил претседател на Собранието на градот Штип, пандан на денешната функција градоначалник, генерален директор на Интеримпекс, член на Извршниот совет на Социјалистичка Република Македонија одговорен за економските односи со странство, пратеник во Сојузното собрание на Југославија и претседател на одборот за економски односи со странство.

Компанијата Интеримпекс е симптоматично име ако се стави до неа и фактот дека Маја Тоневска денес Иванова, сопруга на актуелниот претседател Ѓорге Иванов токму таму ја започнала својата работна кариера од каде заминува да работи како претставник на швајцарската фармацевтска компанија “Хорман ла Рош”. Кариерата Иванова ја продолжува во претставништвото на грчката авиокомпанија “Олимпик Ервејс”, а од 2001 година е вработена во Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Срѓан Керим заедно со неговата сестра Сузана поголемиот дел од детството го минуваат во Скопје, Истанбул но и Минхен и Белград. Керим средно католичко школо учи во Минхенската “Theresien Gymnasium” но и во Петтата Белградска Гимназија. Дипломира на Факултетот за економија при Универзитетот во Белград во 1971 година а докторира на тема од интернационална економија во 1982 година.

Керим од 1976 година до 1978 година бил член на Претседателството на младинската федерација на Југославија и претседател на комитетот за надворешна политика. Слични функции како и неговиот татко само со друг назив. Во 1986 година е именуван за министер за надворешни економски односи во Владата на Социјалистичка Република Македонија функција која ја извршувал се до 1989 година.

По осамостојувањето на Република Македонија Керим бил амбасадор во Германија од 1994 до 2000 година и Швајцарија и Линхештајн од 1995 до 2000 година.

Академски Керим својата кариера ја започнува во 1972 година на Факултетот за Економија при Универзитетот во Белград како асистент и тоа само 1 година по дипломирањето а подоцна и како професор на катедрата за меѓународни економски односи. Бил и гостин професор на Универзитетите во Хамбург – Германија и Универзитетот Њу Јорк во САД.

Објавил над 100 дела од областите на глобализација, маркетинг, самоодржлив развој, климатски промени. Од 2011 до 2014 година бил професор по Меѓународна економија и Меѓународни односи при ФОН Универзитетот во Македонија по што продолжил да предава Развој на глобалниот бизнис на Универзитетот на Југоисточна Европа.

Првата функција на Керим поврзана со меѓународната дипломатија е Советник на Претседателот на шестата сесија на Конференцијата на Обединетите нации на тема “Трговија и развој” или “UNCTAD VI” која се одржала во Белград во 1983 година.

Од 1988 година до 1991 година ( парарелно со функцијата министер за надворешно економски односи на Социјалистичка Република Македонија 1986 – 1989 година ) бил и заменик министер и портпарол на Федералното министерство за надворешни работи на Социјалистичка Федеративна Република Југославија задолжен за меѓународни односи со Организацијата на Обединетите Нации, Г-77 како и Движењето на неврзаните земји.

 

Во 1990 година бил дел од тимот за подготовка и учество на првата ОБСЕ конференција за економска соработка одржана во Бон. Тој учествувал и во преговорите со ЕУ тогашна Европска комисија за Договорот за соработка меѓу СФР Југославија и Европа 1989 – 1991 година.

За време на неговиот мандат како амбасадор во Германија бил и на функција како специјален претставник во Пактот за стабилност за Југоисточна Европа од 1999 до 2000 година. Од 2000 до 2001 година Керим е назначен за министер за надворешни работи во Владата на Република Македонија во чиј мандат бил и претседавач со Југоисточно Европската иницијатива за соработа од 2000 до 2001 година. Во овој период Република Македонија и го потпишува Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ.

Во Владата тој период влегува како кадар на Либералната партија на Македонија иако од 2009 година на неговата online биографија на Википедија стои дека е член на ВМРО – ДПМНЕ. Иако е нагласено дека бидејќи се работи за жива личност сите недоречености може слободно да се пријават и корегираат веднаш, но и по последната обнова на страната од 1 декември 2017 година т.е. 8 години подоцна таа промена не е направена.

Во периодот 2001 – 2003 година Керим е назначен за амбасадор и постојан претставник на Република Македонија во Обединетите Нации. За време на својот мандат ја извршува и функцијата потпретседавач на Меѓународната конференција за финансирање и развој во Монтереј 2002 година како и Светскиот самит за одржлив Развог во Јоханесбург 2002 година. Бил и член на групата олеснувачи на Претседателот на 56-тото заседание на Генералното Собрание на ОН фокусирајќи се на реформите во ОН но и ко-организатор на Регионалниот форум за дијалог на цивилизациите одржан во Охрид 2003 година.

2007 година на 24 мај е избран за претседател на 62-то заседание на Генералното Собрание на ОН со мандат од една година. Приоритети на ова заседание беа справување со климатските промени, финансирањето на развојот, имплементацијата на глобалната стратегија за контра-тероризам, спроведување на реформите во ОН и продолжување на мерките за постигнување на Милениумските развојни цели.

2008 до 2009 година беше специјален пратеник на Генералниот секретар на ОН за климатски промени а од 2008 година Керим е член на советот на поранешни претседатели на Генералното Собрание на ОН.

 

Каде во оваа биографија е Киро Глигоров и односот со Керим не е сосема јасно.

 

Од 1992 година до 1994 година Керим бил и потпретседател на “Copechuim – France” во Париз што е зачетничка функција во неговата стопанственичка активност. Во 2003 година е назначен за специјален претстанивк на WAZ Media Group за Југоситочна Европа и Генерален директор на “Ost Holding GmbH” со седиште во Виена. Од 2003 до 2012 година бил и генерален директор на подружницата “Медиа Принт Македонија”. Во 2004 година е назначен и за претседавач на Бордот на подружницата на WAZ Mediа Group “Весници и списанија Политика” во Белград, каде се задржува до 2007 година.

Од 2008 до 2012 година бил член и на Бордот на Хрватската подружница “Europa Press Holding”. Во основа Керим во еден момент бил еден од највлијателните луѓе во светот на медиумите во Македонија, Србија и Хрватска.

Од 2004 до 2007 година Керим е избран и за претседател на Македонско – Германската Асоцијација за Економија а од 2008 година ја извршува оваа функција во почесно својство.

Од 2012 година Керим е претседател на Бордот Директори на “Медиа Принт Македонија” компанија од која денес без работа останаа околу 450 лица.

Керим имал доволно време па напишал и 11 книги за меѓународна политика, економија и млади но и две збирки поезија. Во 2016 година се кандидира за нов Генерален Секретар на ОН. Неговата кандидатура која била индивидуален чин добила поддршка и од Владата на Република Македонија. Патем Керим е најодликуваниот политичар во Македонија иако дел од земјите кои го одликувале се во оние 11 кои не нарекуваат ФИРОМ.

Керим дал свој придонес и во развојот на спортот. Осовено фудбалот но не Македонски. Имено бил член на управниот одбор и потпретседател на фудбалскиот клуб “Црвена Звезда” од Белград. На таа позиција бил и кога клубот стана првак во Европскиот куп во Бари и Светскиот куп во Токио 1991 година.

На својот интернет сајт Керим ни кажува и дека е член на елитни приватни клубови. Така од 2008 е е член на клубот Metropolitan.

Станува збор за приватен друштвен клуб во Њу Јорк. Формиран е 1891 год од J.P. Morgan, кој ја имал улогата на прв претседател. Други познати членови на клубот се William Kissam Vanderbilt и James A. Roosevelt. Тој е исто така член на Почесниот Комитет на EXPO Milano 2015 заедно со Al Gore, Romano Prodi, Silvio Berlusconi, Franco Frattini, Massimo D’Alema, Jacques Attali, John Kofi Agyekum Kufuor и Enrique Valentin Iglesias.

Иако не е појаснето што корист Македонија од тоа.

 

Срѓан Керим е познат по четири афери.

Првата е со посредувањето за прием во кабинетот на Груевски на Мартин Протоѓер. Токму оној Протоѓер кој подоцна како човек во сенка на Груевски не ја дава поддршката за кандидатура за претседател на Република Македонија за Керим туку за Иванов но е прогласен за неформален главен уредник на медиумите на Керим. Со тоа Груевски за прв пат има спротиставени статови со својот братучед Мијалков кој пак сметал дека Керим е вистинскиот избор. Тогаш Керим ни открива дека Мартин Протоѓер е примен во ВМРО – ДПМНЕ со препораки и од СДСМ.

Втората афера е онаа наречена “шише вредно 750 илјади евра” кои Унгарските власти ги пронајдоа во службеното возило на Керим. Според дописот од Будимпешта, во кој е евидентирана изјавата на возачот, парите биле на МПМ, а ги носел во Медиа Принт Виена. Керим тврдеше дека не чул за такво нешто. Она што беше уште поскандалозно е дека документот од Унгарија цела година фаќал прашина во ДБК, кај пријателот на Керим, Сашо Мијалков.

Од оваа афера остана неразјаснето чии пари Душан Огњановски носеше во шише за Виена? Конзорциумот на WAZ тврдеше дека нема шанси некој да проневери толкава сума пари. Огњановски сигурно не ги заработил од штедење по патарини и крадење литар плус – минус нафта.

Третата афера повеќе е сомнителна околност кој тоа се обидел да изврши грабеж во поранешниот дом на Керим во Горно Нерези во 2013 година? Според полициските извештаи Керим не бил дома но во домот биле неговата сопруга, нејзината мајка и уште три лица. Се започнало кога снемало струја по што тројца крадци затропале на вратата. Сопругата на Керим ја отворила и разбојниците се обиделе да ги ограбат. Според изјавите во еден момент еден од домашните успеал да го активира алармот од домот по што крадците се разбегале. Овој случај никогаш нема завршен епилог.

Четвртата афера е домот на Керим. Над школото “Кочо Рацин” во центарот на Водно непосредно до резиденциите на амбасадорот на САД Бејли чиј сосед пак е Иванов има објект во кој живеат три семејства. Во објектот кој е заведен на улица Партениј Зографски број 61 живеат три семејства. Она на Срѓџан Ќерим со сопругата Снежана Лазова Керим кои го поседуваат првиот кат, семејството на Роберт Јанев и сопствениот на најгорниот кат Сашо Тоневски.

И тука нема ништо спорно но има голема коинциденција.

Имено имотниот лист во Катастар покажува дека Сашо Тоневски на таа адреса има 2 стана. Со квадратура од во просек 120 метри квадратни. Но Сашо не е обичен човек. Тој е брат на првата дама на Македонија Маја Тоневска Иванова, сопруга на Ѓорге Иванов.

Ова афера ја отвора тогаш портпаролот на СДСМ Петре Шилегов, актуелен градоначалник на Град Скопје.

Според тоа фирмата Ли Корп Панама е основач и сопственик на фирмата Делфино травел Балканс. Сашо е еден од сопствениците и управител на оваа фирма која само неколку дена по ширењето на скандалот со перењето пари во панамски фирми згасна и е избришана од Централниот регистар.

Според Шилегиов ова е случај за испитување. Сега е градначалник и може да го заврши почнатиот процес од 2016 година.

Имено објектот е легализиран во 2012 година пред што бил дивоградба. Становите се впишани со датум од 20 декември 2012 година. Според истражувањата на медиумите пред легализацијата на 5 декември 2011 година сите станови биле под хипотека во ТТК Банка во вредност од 365.000 евра сем становите на име на Тоневски.

Во Нерези Сашо и зетот Ѓорге во 2010 година купиле и пасиште со површина од 189 квадрати. Во село Нерези имаат и нива од 395 квадрати. Тоневски во 2016 година на 30 јули купува и стан од 65 квадрати во Охрид. Но тоа не е се.

Според документите од Централен регистар фирмите на Сашо Тоневски се со адресен број на улица Илинденска број 3 каде што стан сеуште има претседателот Иванов. Три компании. Делфино травел агенци, Делфино травел и Делфино рент а кар.

Во 1995 година се формира Делфино травел, па на 26 октовмри 2011 се формира Делфино рент а кар а на 21 март 2012 година се основа и Делфино травел агенци која освен со туризам се занимава со консалтинг, лизинг, шпедиција и посредување, Основната Делфино 2014/2015 остварува приход од 10.000 евра. Но останатите две компании заедно остваруваат обрт од 3.2 милиони евра.

Прашањето е колку Иванов и Керими не се познаваат? Колку Иванов и Керим преку сопругата Маја се “острите” ривали за кандидати за претседател на ВМРО – ДПМНЕ и дали не било се една обична фарса?

За овие наоди на СДСМ и Шилегов Иванов и неговиот кабинет не се изјаснија во јавноста. Керим не се почуствува ни повикан. Прашањето е колку е голема разликата во манифестираните ставови во политиката со демонстираните приватно?

Последната активност на Керим е онаа од Интернационална компанија со седиште во Тетово, Еколог, која го ангажирала поранешниот министер, амбасадор и дипломат кој беше дел од менаџментот и сопствеништвото од групацијата што издаваше неколку веќе згаснати медиуми.

Еколог хонорарно го ангажирала Керим, кој ја претставува компанијата во странство и пред странски клиенти, односно ги застапува интересите на компанијата. Керим за ова не се изјаснил јавно иако од компанијата медиумските прашања беа упатувани на адреса на Керим

Инаку, станува збор за моќна компанија, која соработува со влади на повеќе држави, меѓународни организации и комерцијални клиенти во неколку сектори – нафта и гас, рударство, енергетика, инфраструктура.

 

Како што навела компанијата на нејзината интернет страница, Еколог изградил партнерство со вооружените сили на САД, Франција, Германија, ЕУФОР, НАТО, како и со Обединетите нации.

Ќе ја говори ли на некое следно предавање Керим и лекцијата “Она што не го знаеме за Ѓорге Иванов” но и онаа “Она што не го знаеме за ВМРО – ДПМНЕ во изминатата декада”?!

 

Може да ве интересира

иредентизам

Иредентизам кај Македонија и Грција – поим за плашење народ од соседите

Деновиве на балканот, осовено кај нашиот јужен сосед на голема врата се користи поимот иредентизам …

Translate »
error: Content is protected !!