дома / Мислења и Предлози / На Трендо му се собрало, како и на многу други. Своеглаво и Своерачно

На Трендо му се собрало, како и на многу други. Своеглаво и Своерачно

СВОЕГЛАВО И СВОЕРАЧНО

 

Добро, ќе бидам комплетно искрен. Можеби она што ќе ви го кажам и не ве засега, на моменти може да ви се стори дури и премногу лично, премногу интимно. Но, јас сепак решив да го поделам со вас. А со кого да го поделам во ова наглуво доба, кога градот спие кротко како зебра која дента двапати им бегала на лавови, потоа неочекувано нашла росна ливада, а приквечер налетала на чисто езеро без нилски коњи на кое едно пола саат лакомо си ја гаснела жедта од трчањето и киселините од тревата.

Еве што е работата. Пред некое време се соочив со извесен проблем. Решението на проблемот го знаев, не беше тоа проблем. Проблем беше што решението можеше да ми донесе проблеми. Добро, можеби не знаев со сигурност ама претпоставував. Со сигурност. За жал, друго решение не гледав. Затоа, го сторив тоа. И не се каам! И не само што не се каам туку можам веднаш, драги мои пријатели и уште подраги душманки, да ви соопштам дека чувството беше прекрасно, совршено, боженствено… неописиво. Да бидеме реални, речиси неописиво, инаку што би се трудел да ви го опишам.

Проблемот се појави пред, па да не претерам – едно 45 минути. А го паметам свежо ко да беше вчера. Седев на мојата родна и измачена фотеља кога одеднаш – се појави. Отпрвин оддалеку, како некоја лоша најава, како индијанско племе зад ридот. Решив да го игнорирам иако знаев дека е попусто. Притисокот не попушташе. Стануваше сè посилен, сè понеиздржлив. Галопираше кон моите центри за расудување кршејќи го бедемот на лажната незаинтересираност, лесно, како да е чоколадна глазура од сладолед Снежец.

Си реков, нема бегање. Притисокот нема да попушти, нема да го снема како Ена Веко од македонската естрада. Веднаш формирав двочлена комисија составена од вродени инстинкти и искуствени сознанија и ѝ дадов задача да работи брзо, ефикасно и нетранспарентно. Инстинктите и искуството се испреплетоа како двата конца во песната на Блаже Конески и по некое време се појавија со јасен, недвосмислен, темелно издржан заклучок:

– Трендо, па тебе ти се уринира!!! (но сикирики, ќе го употребам и терминот „мочање”, само нешто подоцна).

Да, почувствував нужда (величина: мала), ми се одеше во ВЦ, онаму каде што и Гоце Арнаудов и Моника Селеш и Первез Мушараф одат пешки. Што би рекле Велешани, ми се одеше понадвор (иако, тоа кај мене дома некако испаѓа „повнатре”, од чисто архитектонски, а не од лингвистички причини). Ете, проблемот јасно се искристализира, а веднаш по него се оцртаа и контурите на решението, фино исенчени од дилемите кои ме мачеа.

Енивеј, да ја скратам приказната (доцна, знам). Станав, отидов во ВЦ и го решив проблемот! Го решив како и обично: машки, стоечки, со македонски поднаветната глава. Откако ја задоволив оваа банална физиолошка потреба (која ја драматизирам до немилост само за да искамчам поголема ефектност на поентата кога планирам да ви ја откријам многу, многу скоро, плус да ја напишам со големи букви), се роди она прекрасно, боженствено чувство за кое ви се исповедав. Луѓе мои (еве ја поентата!):

ПА ЈАС СЕ ИЗМОЧАВ БЕЗ ДА ПРАШАМ ШТО МИСЛИ ЗА ТОА ЛОРЕНС БАТЛЕР!!!

Ох, какво неповторливо искуство! Каков редок, драгоцен до непроценливост момент во мојот црвлив живот. Се чувствував слободен како китот Вили откако ја рипна тоа препреката, како Слободан Милошевиќ кога ќе се разбуди во Шевенинген и ќе види дека Мира не е до него, како маж на кого жена му штотуку му рекла дека нема да одат во недела кај бабата на ручек пошто старата решила да оди во бања. Ги повикав сите мамурни богови да наздрават со мене, јавнав небеска кочија и попат ги будев поспаните ангели, истурав розеви конфети врз планетите додека Млечниот пат се радуваше заедно со мене, претворајќи се во голема и шарена диско кугла која весело потскокнуваше на ритамот на вселенскиот фанк.

Човече, па јас навистина го сторив тоа! Рискантно, своеглаво и пред сè своерачно! Го намалив ужасниот притисокот во моето бабуле без да побарам совет од омнипотентниот Батлер и да ги слушнам неговите вазда паметни и мудри анализи. Рамковната процедура предвидуваше нешто сосема друго: пред да се осмелам да тркнам до клозет редно е да дознаам што за тоа мисли Врховниот: дали моето решение е избрзано или не, како тоа ќе се одрази врз моите односи со ЕУ и НАТО кон кои во последно време толку брзо се приближувам што само е прашање на ден кога ќе почнам да се подмочувам од радост, дали овој еднонационален потег се коси со некоја клаузула од Охридскиот договор, како сигналот што сум го пратил одекнал во акустичните тоалети на Брисел и Вашингтон…

Зацапан во длабоките вирови на човековата непредвидливост панично барам одговор на клучните прашања: кој е тој пресуден момент кога забораваме на неприкосновените авторитети и ги игнорираме процедурите кои ни нудат сигурност? Што треба да му се случи на човек за да стори нешто слично на она моето?

Не дека се правам паметен, ама поучен од сопственото искуство, мислам дека одговорот го знам: на човек прво треба доволно да му се собере!

Трендо

Превземено од: https://off.net.mk/kolumni/trendolend/svoeglavo-svoerachno

За категорија: Мислења и предлози на граѓани

Може да ве интересира

иредентизам

Иредентизам кај Македонија и Грција – поим за плашење народ од соседите

Деновиве на балканот, осовено кај нашиот јужен сосед на голема врата се користи поимот иредентизам …

Translate »
error: Content is protected !!