дома / Мени-топ / Свиркачи – Укажувачи – WhistleBlowers

Свиркачи – Укажувачи – WhistleBlowers

                         Согласно законот за укажувачи на Република Македонија и сродниот таков закон во Европската унија како и директивите и регулативите на ЕУ, ги охрабруваме читателите и сите потенцијални укажувачи (свиркачи) да ни испраќаат делумно или целосно подготвени стории, статии и материјали. Ние како медиум ќе се придржуваме до законот, директивите и регулативите на ЕУ и ќе ги заштитиме нивните права, идентитет и анонимност како медиум.

ЗАКОН ЗА ЗАШТИТА НА УКАЖУВАЧИ
Цел на законот
Член 1
Со овој закон се уредуваат заштитеното пријавување, правата на укажувачите, како и постапувањето и должностите на институциите, односно правните лица во врска со заштитено пријавување и обезбедувањето заштита на укажувачите.

Значење на изразите
Член 2
(1) Заштитено пријавување во смисла на овој закон е пријавување со кое согласно со овој закон се пренесува разумно сомневање или сознание дека е извршено, се извршува или е веројатно дека ќе се изврши казниво или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес.
(2) Укажувач во смисла на овој закон е лице од категориите утврдени со ставот (3) на овој член кое со добра намера врши заштитено пријавување согласно со овој закон.
(3) Категории на лица кои согласно со овој закон можат да се јават во својство на укажувачи се:

– лицe коe има засновано работен однос на неопределено или определено време во институцијата, односно правното лице за каде пријавува;

– кандидат за вработување, кандидат за волонтер или практикант во институцијата односно правното лице за каде пријавува;

– лице кое е или било волонтер или практикант во институцијата, односно правното лице за каде пријавува;

– лице кое по било кој основ е или било ангажирано за извршување на работа од институцијата, односно правното лице за каде пријавува;

– лице кои по било кој основ е или било во деловен однос или друг однос на соработка со институцијата, односно правното лице за каде пријавува;

– лице кое користи или користело услуги во институцијата, односно правното лице во јавниот и приватниот сектор за каде пријавува.
(4) Под поимот јавен интерес во смисла на овој закон се подразбира заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија, спречување на ризиците за здравјето, одбраната и безбедноста, заштита на животната средина и на природата, заштита на сопственоста и на слободата на пазарот и претприемништвото, владеење на правото и спречување на криминалот и корупцијата.
(5) Под поимот блиско лице се подразбираат брачниот и вонбрачниот другар, роднините по крв во права линија, роднините во странична линија заклучно до трет степен, како и роднините по сватовство заклучно до втор степен, посвоеник и посвоител и друго лице кое заштитеното лице го смета за блиско лице и за кое се бара да биде заштитено согласно со одредбите од членовите 8 и 9 од овој закон.

Заштитено пријавување
Член 3
(1) Заштитено пријавување се врши како заштитено внатрешно пријавување, заштитено надворешно пријавување или заштитено јавно пријавување, согласно со членовите 4, 5 и 6 од овој закон, со добра намера и со разумно сомневање во вистинитостата на информациите во содржината на пријавата во времето на пријавувањето.
(2) Укажувачот не е должен да ја докажува добрата намера и вистинитоста на пријавувањето од ставот (1) на овој член.
(3) На укажувачот му се обезбедува заштита согласно со закон и му се гарантира анонимност и доверливост до степен и до момент до кои тој тоа го бара.
(4) Правото на анонимност на укажувачот може да се ограничи со судска одлука за која без одлагање се известува укажувачот.

Заштитено внатрешно пријавување
Член 4
(1) Заштитено пријавување укажувачот врши во институцијата, односно правното лице, за каде има сомневање или сознание дека е извршено, се врши или ќе се изврши казниво дело, или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес (во натамошниот текст: заштитено внатрешното пријавување).
(2) Заштитено внатрешното пријавување укажувачот врши на начин усно на записник или во писмена форма до лице овластено од раководното лице во институцијата, односно правното лице за каде пријавува (во натамошниот текст: овластено лице за прием на пријави од укажувачи).
(3) Во институцијата, односно правното лице каде нема овластено лице за прием на пријави од укажувачи, заштитено внатрешното пријавување се врши до раководното лице на институцијата, односно правното лице на начин односно во форма утврдена со ставот (2) на овој член.
(4) Овластеното лице за прием на пријави од укажувачи, односно раководното лице во институцијата, односно правното лице од ставот (3) на овој член, е должно: – да постапува по пријавувањето од ставот (1) на овој член со почитување на процедурите утврдени со актот за внатрешно пријавување; – да ги заштитат личните податоци на укажувачот, односно податоците кои можат да го откријат идентитетот на укажувачот кој бара да биде анонимен или пријавува доверливо, согласно со прописите за заштита на личните податоци; – да го информира укажувачот кој е познат за преземените мерки во врска со пријавата без одлагање, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на пријавата.
(5) Заштитеното внатрешно пријавување во институциите во јавниот сектор се уредува со акт што на предлог на Државната комисија за спречување на корупцијата го донесува министерот за правда.
(6) Заштитеното внатрешното пријавување во приватниот сектор се уредува со внатрешен акт на правното лице со најмалку 10 вработени лица.
(7) Внатрешните акти од ставовите (5) и (6) на овој член се објавуваат и на друг начин, се прават јавно достапни до сите вработени во институцијата, односно правното лице.
(8) Насоки за донесување на внатрешните акти од ставот (6) на овој член, донесува министерот за правда.

Заштитено надворешно пријавување
Член 5
(1) Заштитено пријавување укажувачот може да врши и со пријавување до Министерството за внатрешни работи, надлежното јавно обвинителство, Државната комисија за спречување на корупцијата, Народниот правобранител на Република Македонија или други надлежни институции, односно правни лица, доколку:
– пријавувањето од членот 4 на овој закон е непосредно или посредно насочено против раководното лице во институцијата, односно правното лице каде пријавува или

– укажувачот во врска со пријавувањето не добие информација за преземени мерки во рокот утврден во членот 4 став (4) алиенеја 3 од овој закон или – не се преземени мерки или укажувачот не е задоволен од постапувањето или се сомнева дека нема да се преземат мерки или дека пријавувањето од членот 4 став (1) од овој закон ќе предизвика штетни последници по него или по негово блиско лице (во натамошниот текст: заштитено надворешно пријавување).
(2) Заштитено надворешно пријавување укажувачот врши усно на записник или писмено до овластено лице, односно раководно лице во институцијата односно правното лице каде пријавува.
(3) Органите, институциите односно правните лица до кои укажувачот извршил заштитено надворешно пријавување се должни во рамките на своите надлежности да постапат по пријавата од ставот (1) на овој член, да ги заштитат личните податоци на укажувачот, односно податоците кои можат да го откријат идентитетот на укажувачот кој бара да биде анонимен или пријавува доверливо, согласно со прописите за заштита на личните податоци, а за преземените мерки да го информираат укажувачот без одлагање, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на пријавата.
(4) Заштитеното надворешното пријавување се уредува со акт што го донесува министерот за правда.
(5) Ако органот на кого е доставена информацијата не е надлежен да постапува во врска со пријавувањето ќе ја проследи информацијата до надлежен орган во рок од осум дена од денот на приемот и за тоа истовремено ќе го извести пријавувачот.
(6) Надлежниот орган од ставот (5) на овој член е должен да ги применува мерките за заштита кои на пријавувачот му ги обезбедил органот на кого му е отстапено известувањето.
(7) Овластениот орган е должен на барање на пријавувачот да му даде известување за текот и дејствијата кои се преземени во постапката, како и да му озвозможи на пријавувачот да изврши увид во списите на предметите, согласно со законот.
(8) Овластениот орган е должен, по завршувањето на постапката да го извести пријавувачот за исходот на постапката од ставот (1) на овој член, согласно со законот.

Заштитено јавно пријавување
Член 6
(1) Заштитено јавно пријавување укажувачот може да врши со правење јавно достапни информации во врска со сознание дека е извршено, се извршува или е веројатно дека ќе се изврши казниво дело со кое се повредува или загрозува животот на укажувачот и нему блиско лице, здравјето на луѓето, безбедноста, животната средина, штети од големи размери, односно ако постои непосредна опасност од уништување на докази.
(2) Укажувач кој ќе изврши пријавување со правење јавно достапни информации спротивно на овој член и без претходно пријавување до овластено лице за прием на пријави од укажувачи, односно до надлежна институција согласно со членовите 4, 5 и 6 став (1) од овој закон, нема право на заштитата која се обезбедува согласно со членовите 8, 9 и 10 од овој закон.
(3) Укажувач кој врши заштитено јавно пријавување согласно со овој закон со правење јавно достапни информации е должен да ја почитува презумцијата на невиност на пријавениот, правото на заштита на личните податоци на пријавениот, како и да не го загрозува водењето на судската постапка.

Заштита на податоците и идентитетот на укажувачот
Член 7
(1) Се забранува откривање или овозможување откривање на идентитет на укажувач, освен кога тоа се бара со судска одлука.
(2) Овластеното лице за прием на пријави од укажувачи е должно да ги заштити податоците за пријавувачот, односно податоците врз основа на кои може да се открие идентитетот на пријавувачот, освен ако пријавувачот се согласи на откривање на тие податоци, а во согласност со закон со кој се уредува заштитата на личните податоци.
(3) Секое лице кое ќе ги дознае податоците од ставот (1) на овој член е должно да ги штити тие податоци.
(4) Овластеното лице за прием на пријави од укажувачи е должно во текот на примањето на информациите да го извести пријавувачот дека неговиот идентитет може да биде откриен на надлежниот орган, ако доколку без откривање на идентитетот не би било можно да се постапува пред тие органи, како и да го извести за мерките за заштита на учесникот во кривичната постапка.
(5) Ако во текот на постапката е неопходно да се открие идентитетот на пријавувачот, овластеното лице за прием на пријави од укажувачи е должно за тоа да го извести пријавувачот, пред откривањето на идентитетот.
(6) Податоците од ставот (1) на овој член не смеат да се откријат на лицето за кое се укажува во информацијата.

Обезбедување заштита на укажувачот
Член 8
(1) На укажувачот и на нему блиско лице им се обезбедува заштита од било каков вид на повреда на право или штетно дејствие или опасност од настапување на штетни дејствија заради извршеното заштитено внатрешно и надворешно пријавување или заштитено јавно пријавување.
(2) Заштитата од ставот (1) на овој член се обезбедува од страна на институцијата, односно правното лице каде е извршено пријавување со преземање дејствие да се спречи повреда на правата од работен однос или на кое било право и воздржување од дејствија со кои се повредува или загрозува било кое право на укажувачот заради извршеното пријавување.
(3) Доколку не е обезбедена заштитата од ставот (2) на овој член, укажувачот за ова пријавува во Државната комисија за спречување на корупцијата, Народниот правобранител на Република Македонија, Инспекцискиот совет, Министерството за внатрешни работи и до Јавното обвинителство на Република Македонија, кои по пријавата без одлагање постапуваат согласно со своите надлежности.
(4) Правото на заштитата од овој член се проширува да ги опфати и лицата кои ќе сторат веројатно дека оној кој е пријавен може да се сомнева дека извршилe пријавување против него.

Член 9
(1) По добивање на пријавата од членот 8 став (3) од овој закон, институциите од членот 8 став (3) од овој закон, без одлагање од институцијата, односно правното лице каде е извршено пријавување, бара известување за постоење на било каков вид на повреда на право на укажувачот и на членовите на неговото семејство, заради извршеното пријавување.
(2) Правното лице, односно институцијата е должна без одлагање да постапи по барањата од ставот (1) на овој член и без одлагање, а најдоцна во рок од осум дена, за ова да достави известување.
(3) Доколку се утврди дека институцијата, односно правното лице каде е извршено пријавување повредило право на укажувачот, на член на неговото семејство или нему блиско лице, институциите од ставот (1) на овој член без одлагање се обраќаат до надлежните институции и органи со писмено барање за итно преземање мерки за заштита на укажувачот со прекинување на дејствијата, односно отстранување на пропустите со кои се повредуваат правата на укажувачот.
(4) За преземените дејствија и утврдените наоди од ставовите (1), (2) и (3) на овој член, институциите од ставот (1) на овој член без одлагање го известуваат укажувачот.
(5) Доколку и покрај преземената активност на институциите од ставовите (1), (2) и (3) на овој член продолжи повредата на правото на укажувачот, на член на неговото семејство или нему блиско лице, институциите без одлагање, а најдоцна во рок од осум дена покренуваат иницијатива за поведување постапка за кривично гонење, односно иницијатива за поведување постапка пред надлежните органи за разрешување, распоредување, сменување, или примена на други мерки на одговорност на избрани или именувани лица, службени лица или одговорни лица во јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал.
(6) Доколку е пријавено кривично дело против државата, против човечноста и меѓународното право, од областа на организираниот криминал и за кое со Кривичниот законик е пропишана казна затвор од најмалку четири години, чиешто докажување е проследено со несразмерни тешкотии или не може да се изврши без исказ на укажувачот кој поради можната опасност да биде изложен на заплашување, закана со одмазда или опасност по животот, здравјето, слободата, физичкиот интегритет или имот од поголем обем, не се согласува во својство на сведок да даде исказ, институциите со прибавена писмена согласност од укажувачот доставуваат: – до Министерството за внатрешни работи или надлежен јавен обвинител иницијатива за доставување писмено барање за поднесување Предлог за вклучување во Програмата за заштита согласно со Законот за заштита на сведоци или – до Јавниот обвинител на Република Македонија иницијатива за поднесување Предлог за вклучување во Програмата за заштита согласно со Законот за заштита на сведоци.

Судска заштита
Член 10
(1) Укажувачот има право на судска заштита пред надлежен суд согласно со закон.
(2) Укажувачот може пред надлежен суд со тужба да побара:

– утврдување дека е преземено штетно дејствије или е повредено право заради укажување;

– забрана на вршење на штетно дејствие или повреда на право и повторување на штетно дејствие или повреда на право;

– поништување на акт со кое е извршено штетното дејтвие или повреда на право;

– отстранување на последиците од штетно дејствие или повреда на право;

– надоместок на материјална и нематеријална штета.
(3) Постапката по тужбата од ставот (2) на овој член е итна.
(4) Во постапката за судска заштита во врска со пријавувањето дозволена е ревизија.

Товар на докажувањето
Член 11
Во случај на спор за постоење повреда на право на укажувачот и на негово блиско лице заради пријавување, товарот на докажување е на страна на институцијата, односно правното лице кое ги повредило правата на укажувачот и на членовите на неговото семејство.

Ништовност на одредби во договори и акти
Член 12
Одредбите во договорите и актите со кои се склучуваат, односно уредуваат работни односи и работни ангажмани, со кои се забранува пријавување на сомневање или сознание за казниво дело или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес, безбедноста и одбраната или пак таквото пријавување се дефинира како прекршување на одредби за доверливост, лојалност и професионалност се сметаат за ништовни.

Надомест на штета
Член 13
(1) Укажувачот има право на надомест на штета што може да ја претрпи тој или нему блиско лица поради заштитено пријавување.
(2) Барањето за надомест на штета од ставот (1) на овој член се остварува со поднесување на тужба до надлежниот суд.
Злоупотреба на пријавувањето на укажувачот

Член 14
(1) Злоупотреба на пријавувањето на укажувачот е свесно пријавување невистинити информации за физичко или правно лице со цел предизвикување на штетни последици за истото.
(2) Злоупотреба на пријавувањето на укажувачот е и доколку со должно внимание и совесно, до степен до кој тоа го дозволуваат околностите, не проверил дали тие се точни и веродостојни.
(3) Со утврдување на злоупотребата од ставовите (1) и (2) на овој член се губи заштитата обезбедена согласно со членот 8 од овој закон.
(4) Злоупотребата на пријавувањето на укажувачот поради која настанале штетни последици за физичкото или правното лице е основ за поведување на постапка за утврдување на негова одговорност согласно со закон.

Известување за примени пријави од укажувачи
Член 15
(1) Овластените, односно раководните лица на институциите, односно правните лица во јавниот сектор до кои се пријавува согласно со членовите 4 и 5 од овој закон, се должни до Државната комисија за спречување на корупцијата да доставуваат полугодишни извештаи за примени пријави од укажувачи.
(2) Државната комисија за спречување на корупцијата и Министерството за правда се должни до Собранието на Република Македонија да достават посебни Годишни извештаи за примени пријави од укажувачи.
(3) Формата и содржината на полугодишните извештаи од ставот (1) на овој член се уредува со внатрешните акти од членовите 4 и 5 од овој закон.

Прекршочни одредби
Член 16
Глоба во износ од 3.000 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на овластеното лице за прием на пријави од укажувачи, односно на раководното лице во институцијата, односно правното лице доколку постапи спротивно на членот 4 став (4) од овој закон.

Член 17
(1) Глоба во износ од 2.000 до 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на институцијата, односно правното лице доколку постапи спротивно на членот 4 став (7) од овој закон.
(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за институцијата, односно правното лице ќе му се изрече и на одговорното лице во институцијата, односно правното лице за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Член 18
Глоба во износ од 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на институцијата, односно правното лице доколку постапи спротивно на членот 5 став (3) од овој закон.

Член 19
Глоба во износ од 3.000 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на секое лице кое ќе постапи спротивно на членот 7 став (2) од овој закон.

Член 20
(1) Глоба во износ од 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на институцијата односно правното лице доколку постапи спротивно на членот 9 став (2) од овој закон.
(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за институцијата, односно правното лице ќе му се изрече и на одговорното лице во институцијата, односно правното лице за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Член 21
(1) Глоба во износ од 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на институцијата, односно правното лице доколку постапи спротивно на членот 15 став (1) од овој закон.
(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за институцијата, односно правното лице ќе му се изрече и на одговорното лице во институцијата односно правното лице за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Член 22
Пред покренување на барање за поведување на прекршочна постапка ќе се спроведе постапка за порамнување согласно со Законот за прекршоците.

Член 23
За прекршоците предвидени во овој закон прекршочна постапка ќе води и прекршочна санкција ќе изрече надлежен суд.
Преодни и завршни одредби

Член 24
(1) Не е дозволено за содржина на пријавата од членот 3 став (1) од овој закон да се користат материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации од периодот од 2008 до 2015 година.
(2) За лице чија пријава е со содржина којашто не е дозволена согласно со ставот (1) на овој член не се обезбедува заштитата согласно со членовите 8, 9 и 10 на овој закон и не се применуваат одредбите од овој закон.

Член 25
Министерот за правда ќе ги донесе актите од членовите 4 став (5) и 5 став (4) од овој закон во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 26
Министерот за правда ќе ги донесе насоките од членот 4 став (8) од овој закон во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 27
Министерот за правда ќе ги донесе актите од член 5 став (4) од овој закон во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 28
Министерот за правда ќе ги донесе насоките од членот 5 став (7) од овој закон во рок 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 29
Законите со кои се уредуваат права и обврски од работен однос во јавниот и приватниот сектор ќе се усогласат со овој закон најдоцна три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 30
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува по четири месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Може да ве интересира

Вељановски и Талат Џафери од пратеник до претседател со фалсификат!

“Талат Џафери од пратеник до претседател со фалсификат! Што беше суштинско за да се легитимира …

Translate »
error: Content is protected !!